Живеалишта и екологија
Овој вид габа е познат само од медитеранскиот регион (Алжир, Мароко, Корзика, Италија, Франција, Шпанија и Португалија), во заедница од Q. ilex, Pinus pinaster и Cedrus atlantica (Castañera 2016, Díaz 2016). Во Република Северна Македонија видот се среќава во псевдомакија само во југоисточниот дел од земјава каде што најверојатно е во микориза со Quercus coccifera на силикатна подлога.
Станува збор за многу редок вид кој е забележан само на два локалитета и тоа во биогеографскиот ридски регион Погана, на надморска височина од 150 m. Голема е веројатноста видот да е распространет на повеќе места во псевдомакијата. Површината под псевдомакија во земјава е прикажана на мапата за разновидност на предели во Северна Македонија (Melovski et al. 2019). Веројатниот вкупен број наоѓалишта се претпоставува дека е пет до десет пати поголем, што би резултирало со околу 10 до 20 наоѓалишта. Плодни тела се појавуваат во доцна есен.