НАЦИОНАЛНА ЦРВЕНА ЛИСТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
ЗА ЦРВЕНАТА ЛИСТА
Црвена листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN)
Оваа интернет страница ја претставува Националната Црвена Листа на Република Северна Македонија. Националната Црвена Листа се заснова на принципите и методологиите на глобалната Црвена Листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN Red List of Threatened Species™) или кратко: Црвена листа на IUCN (International Union for Conservation of Nature). Овде е дадена куса информација за корените/основите на Националната Црвена Листа.
Глобалната Црвена Листа на IUCN користи пет критериуми за категоризација на видовите според ризикот од нивно исчезнување во блиска иднина. Оваа процена на ризикот од исчезнување се заснова на обемни податоци за дистрибуција на видовите, заради што Црвената листа на IUCN е многу повеќе од само список на видови и нивниот статус на зачувување. Истата дава информации за ареалот на распространување, големината на популацијата, живеалиштата и екологијата, користењето и/или трговијата, заканите и акциите за зачувување. Затоа, листата е моќна алатка за информирање и преземање соодветни акции за зачувување на биолошката разновидност и промена на политиките и е клучен показател за здравјето на биолошката разновидност во светот.
Црвената листа на IUCN е исто така одлична алатка за комуникација, односно информирање на пошироката јавност за статусот на биолошката разновидност низ целиот свет или во рамките на одреден регион. Листата дава резиме на информации корисни за научни анализи и може да се користи од страна на индустрискиот сектор за идентификација на подрачја кои треба да се избегнуваат при планирање на активностите. Црвената листа на IUCN се користи и за насочување на управувањето со природните ресурси, поаѓајќи од локалните процени на влијанието врз животната средина и развојот на националните политики и законодавство, до идентификација на значајни видови во рамките на меѓународните мултилатерални договори за животната средина. Покрај тоа, црвените листи на IUCN се особено неопходни за известување за напредокот кон поставените цели за зачувување на меѓународно ниво, како што се Аичи целите за биолошката разновидност и Целите за одржлив развој.
Индекс на Црвена Листа
Индексот на Црвена листа (ИЦЛ) е информативен индекс за планирање на зачувувањето што се заснова на концептот на Црвената листа. ИЦЛ претставува индексна вредност помеѓу 0 и 1, која се користи за следење на трендови во проектираниот релативен ризик од исчезнување на видовите во текот на одреден временски период. Индексот се пресметува за група видови (на пр. одредена таксономска група) со помош на математичка формула заснована врз статусот на црвената листа на видовите. Ако сите видови во групата се класифицираат како Исчезнати (EX), вредноста на индексот достигнува 0; ако сите видови се класифицираат во категорија Најмалку засегнати (LC), вредноста достигнува 1. Средната вредност означува колку далеку групата видови целокупно се движи во насока на исчезнување (т.е. 0).
Кога таксономската група е проценета барем двапати во период од повеќе години, Индексот на Црвена листа може да ја прикаже релативната стапка во која групата го променила целокупниот проектиран релативен ризик од исчезнување.
Повеќе информации за Црвената листа на IUCN и Индексот на Црвена листа можат да се најдат на веб-страницата на IUCN за црвената листа.
Регионални и национални црвени листи
Локален ризик од исчезнување
Вредноста на глобалната Црвена листа на загрозени видови на IUCN е широко призната алатка за водење на политиката на меѓународно ниво. Сепак, ризикот од исчезнување често не е постојан/ист во рамките на глобалниот опсег/ареал на еден вид: во некои подрачја, неговата популација може да биде под поголема закана отколку во други. Спроведувањето на процените на Црвената листа на регионално или национално ниво можат да обезбедат порелевантни информации за неговото зачувување на повеќе локални нивоа.
Процените на Црвените листи кои опфаќаат само дел од планетата (земјината топка) обично се нарекуваат регионални Црвени листи. Примерите вклучуваат црвени листи за региони во Европа иМедитеранот спроведени од IUCN, проценувајќи го ризикот од исчезнуње во овие региони за таксономски групи како што се водоземци, тврдокрилци, пчели, цицачи, мовови, итн.
Кога регионот се изедначува со националните граници, Црвената листа се нарекува Национална црвена листа. За разлика од глобалните и некои регионални црвени листи, кои ги изработува IUCN, планирањето и изработката на националните црвени листи е одговорност на релевантните национални тела. Табелата подолу ги илустрира разликите помеѓу глобалната црвена листа на IUCN и националната црвена листа. Поради овие разлики, ризикот од исчезнување на национално или регионално ниво на еден вид може да биде различен од ризикот од исчезнување на глобално ниво.
Глобална | Национална | |
Географски опфат/ареал | Планетата земја | Национални граници |
Надлежен орган | IUCN | Национално тело (понекогаш со поддршка на IUCN) |
Методологија | IUCN v3.1 | Во согласност со националните преференци. IUCN препорачува IUCN v3.1 |
Ризик од исчезнување | Ризикот од исчезнување се проценува за популацијата на глобално ниво | Ризикот од исчезнување се проценува за дел од глобалната популација кој се јавува во национални граници. Видовите со само мал дел (на пр. 1%) од нивната глобална популација што се јавуваат во државата, можат да не се земат предвид при изработка на Црвената листа. Бидејќи ризикот од исчезнување е променлив во ареалот на еден вид, националниот ризик од исчезнување може да се разликува од глобалниот ризик од исчезнување. |
Ендемизам | Сите познати ендемични видови на планетата Земја | Националната процена на Црвената листа на видови кои се ендемични за државата, истовремено значи и нивна глобална процена на Црвената листа. Зачувувањето на ваквите видови е целосна одговорност на националните власти. За видовите кои не се ендемични, процентот на глобалната популација која се јавува во државата ја одредува одговорноста на државата за зачувување на видовите. |
Миграторни видови | Бидејќи ризикот од исчезнување се проценува на глобално ниво, ризикот од исчезнување по целата рута на мигрирање се оценува одеднаш. | Улогата на националната територија за опстанок на видовите (размножување, транзит, зимување) да се признае преку примена на регионалните упатства на IUCN. |
Нативни/ интродуцирани видови | Сите познати видови кои се јавуваат на планетата Земја | Да се постават прагови кои ќе укажуваат од кој датум видовите се сметаат за не-нативни (на пример, појава/доспевање на видот од пред 1500 години пред нашата ера се сметаат за нативни) |
Значење на националната црвена листа
Националните црвени листи се корисна алатка за зачувување. Иако Националната црвена листа никогаш не треба да се смета за листа која дава приоритети за зачувување на видовите, релевантните национални власти (на пр. Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија) можат да ја користат за да обезбедат национални податоци, на пример при изработка на Листата на заштитени и строго заштитени видови, CITES предлози и слично. Во многу случаи, ваквите политики мора да се усогласени со меѓународните договори и регулативите на ЕУ. Националната Црвена листа често е главна цел во националните акциски планови и стратегии за биолошка разновидност.
Научната фела може да ја користи Националната Црвена листа за насочување на своите истражувања. На пример, истражувањето може да биде насочено кон собирање еколошки информации за загрозените видови и нивното живеалиште, со што би се зајакнале ефектите од применетите мерки за зачувување или може да биде насочено кон пополнување на недостатокот на податоци за видови кои се класифицирани во категоријата Недоволно податоци (видови за кои нема доволно податоци).
Здруженијата на граѓани можат да ја користат Црвената листа за да ги постават сопствените приоритети за зачувување и да ги насочуваат своите цели/активности за следење/мониторинг на биолошката разновидност. Здруженијата пак кои се насочени кон поголема отвореност, транспарентност и комуницирање, можат да ги користат информациите и статусот на Црвената листа на одредени видови за да ги потенцираат еколошките проблеми и решенија.
Покрај тоа, добро е познато дека статусот на зачувување на еден вид е важен фактор во алоцирањето финансиски средства од многу потенцијални финансиери. Исто така, во последните децении, бизнис заедниците ширум светот сè повеќе ја земаат предвид корпоративната одговорност во нивното деловно планирање, вклучувајќи ја и нивната одговорност да го проценат и ограничат влијанието на нивните деловни практики врз животната средина, што ја споделуваат со општеството. Претпријатијата кои планираат да ги прошират деловните активности и инфраструктурата можат да се консултираат со Националната црвена листа и ажурираните национални листи на заштитени и строго заштитени видови за да идентификуваат подрачја од важност (т.е. подрачја каде се среќаваат многу загрозени видови).
Национална црвена листа на Северна Македонија
Почетоци
Во 2017 година, веќе беше јасна потребата од изработка на национални црвени листи за повеќе таксономски групи на Северна Македонија, која се јавува на агендата за зачувување во последните години. Оваа потреба ја препознаваат академската заедница, здруженијата на граѓани и властите преку стратегии кои вклучуваат акции/цели за изработка на национални црвени листи во рамките на Националната стратегија за заштита на природата со акциски план (2017-2027) иНационалната стратегија за биолошка разновидност со акциски план (2018-2023) . Оваа потреба е јасно утврдена и преку националното законодавство; така, Законот за заштита на природата на Република Северна Македонија пропишува изработка на национални црвени листи со користење на методологијата на Црвената листа на IUCN („Службен весник“ бр. 67/04, со дополнувања). Постоењето на прелиминарни црвени листи за одредени групи видови (на пр. правокрилци, пеперутки, габи) е сведоштво за мотивацијата на научната заедница, за да го придвижи процесот на изработка на црвената листа нанапред. Меѓутоа и покрај тоа што се користени категории и критериуми на Црвената листа на IUCN, нивното усогласување со насоките на Црвената листа на IUCN беше несоодветно документирано, заради што се предмет на критики, заради што остануваат претежно да се користат во научната сфера.
Кон средината на 2017 година, се појави можност да се започне со спроведување на национална иницијатива за црвени листи на Северна Македонија, односно да се изработат првите официјални Национални црвени листи, целосно усогласени со сите релевантни упатства за Црвената листа на IUCN. Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) беше одговорна да дава насоки за почетните чекори на овој национален процес на изработка на Црвена листа. Иницијативата е дел од еден поголем проект финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), кој се спроведува преку Организацијата на ОН за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање: „Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефективно управување со заштитените области и вклучување на биолошката разновидност во планирањето на користењето на земјиштето“. IUCN ECARO беше ангажиран да ја имплементира поткомпонентата 2.1.1 од проектот: „Индекс на црвена листа за Северна Македонија, како одраз на приоритетната листа на загрозени видови во земјата, усвоена од Владата на Северна Македонија“.
Како почетна точка, беше подготвен извештај со упатства “Национални црвени листи за зачувување на видовите во Северна Македонија” со цел да се помогне воспоставувањето на рамка за национални процени на Црвената листа. Извештајот дава основа за глобалната Црвена листа на IUCN и разликите со националните црвени листи, како и препораки за структурирање на процесот на изработка на Црвената листа на Северна Македонија.
Обем на процената
Првите чекори се фокусираа на ограничен број таксономски групи. Изборот на овие групи, од сите поголеми, се засноваше на 20 критериуми, како на пример дали се достапни податоци за дистрибуцијата, дали стапката на ендемизам е висока или дали видот е важен за меѓународната политика. Овие критериуми беа развиени и усогласени преку низа консултации со сите засегнати страни и експерти за видови. Врз основа на овие оцени, се изработи прелиминарно рангирање на таксономските групи и конечниот избор на групи беше утврден од IUCN, ООНЖС и МЖСПП, земајќи ја предвид и ефикасноста од очекуваните резултати (на пр. Покривање на таксономските групи за водоземци и влекачи истовремено заради стручноста на истите експерти).
При првите обиди за изработка на Црвената листа во Северна Македонија, ризикот од исчезнување на популацијата на сите 32 влекачи и 14 водоземци што се идентификувани во земјата беше оценет во согласност со категориите и критериумите на Црвената листа на IUCN (видете исто така).
Покрај тоа, беше направен значаен чекор во насока на изработка на идни црвени листи на васкуларните растенија. За разлика од водоземците и влекачите, крајната цел не беше да се изработи целосна Црвена листа на васкуларни растенија, туку листа на приоритетни видови што треба да се подложат на процена на Црвената листа. Од над 3000 видови васкуларни растенија, околу 15% беа идентификувани како приоритетни видови, засновано на 18 критериуми, земјќи ги предвид важноста на политиката, ендемизмот, реткоста и популацијата на реликтни видови. За да се започне со реалните процени на Црвената листа за васкуларни растенија, сет од 14 васкуларни растителни видови со меѓународно значење, беа проценети во согласност со категориите и критериумите на Црвената листа на IUCN.