Живеалишта и екологија
Во земјава, Amanita caesarea е ектомикоризен вид, главно со Quercus frainetto, Q. pubescens, Q. cerris, Q. coccifera, Q. petraea и ретко со Fagus sylvatica, Castanea sativa и Carpinus orientalis.
Поволна средина за видот се рабовите на шумите, на отворени, сончеви површини, на суви до умерено влажни почви. Овој вид габа обично создава плодни тела од средината на пролетта до средината на есента, и често се среќава за време на топли и дождливи периоди.
Јајчарката е евидентирана на 158 наоѓалишта во земјата, широко распространета во 50 биогеографски региони (Melovski et al. 2013), на надморска височина од 200 до 1.400 m. Шест од познатите локалитети се наоѓаат во националните праркови, и тоа: Галичица – еден локалитет, Пелистер – два локалитета, Маврово – три локалитета, сите во зоната на одржливо искористување. Видот се јаде, лесно е забележлив на терен, поради што бил доста баран и е често евидентиран. Сепак, соодветниот тип на живеалиште на видот е широко распространет во земјата, поради што е направена проценка на веројатен вкупен број наоѓалишта (Dahlberg and Mueller 2011). Вкупниот број на локалитети се проценува дека е двојно поголем од сегашниот број, односно 316.