Живеалишта и екологија
Aspropaxillus giganteus е сапроб, што вообичаено се среќава на отворени пасишта во близина на изолирани дрвја, на отворено во шума, ливади или најчесто по рабовите меѓу пасишта и шуми, како и покрај пат (Kaiser 1998, Ribeiro et al. 2008). Видот обично формира плодни тела од крајот на летото до доцна есен, во групи или во самовилски кругови.
Џиновската свивка е потврдена од 11 наоѓалишта во земјата, распространета во осум биогеографски региони (Melovski et al. 2013), на надмораска височина помеѓу 600 m и 1.500 m. Пет од познатите локалитети се наоѓаат во национални паркови, во зоната на одржливо искористување, и тоа: Галичица – две наоѓалишта, Маврово – две наоѓалишта, Пелистер – едно наоѓалиште. Видот е лесно забележлив на терен, но не бил често евидентиран. Согласно екологијата на видот и достапноста на соодветно живеалиште, направена е проценка на веројатниот вкупен број наоѓалишта (Dahlberg and Mueller 2011), се претпоставува дека е 30–55, односно за 3 до 5 пати поголем од сегашниот број.