Живеалишта и екологија
Hericium coralloides расте во стари, добро зачувани шуми како сапротроф на мртви широколисни дрвја со широк дијаметар, на паднати стебла, а може да се најде и на мртви делови од живи стебла. Се развива во шуми кои не се премногу густи, претпочита сончева светлина и топлина. Присуството на Hericium coralloides е показател за напреден стадиум на распаѓање и предизвикува бело гниење на дрвесината. Примарен супстрат на видот му е Fagus sylvatica, но во нашата земја може да се најде и на Quercus spp., а има податоци и за Alnus, Betula, Fraxinus excelsior, Populus и Sorbus (ArtDatabanken 2019, Boddy et al. 2011).
Станува збор за редок вид во државата кој е евидентиран на 18 наоѓалишта, и тоа на планините: Беласица, Бистра, Букович, Добра Вода, Галичица, Јакупица, Кајмакчелан, Кораб, Кожуф, Огражден, Осогово, Пелистер, Плачковица, Водно, а се среќава и во Кичевската Котлина (Melovski et al. 2013). Видот се среќава на надморска височина помеѓу 400 m и 1,350 m. Две наоѓалишта во НП Маврово и две наоѓалишта во НП Пелистер се во зоната на одржливо искористување, додека едно наоѓалиште во НП Галичица е лоцирано во зоната на строга заштита.
Иако во Северна Македонија овие типови шума се доминантни, бројот на констатирани наоѓалишта е мал иако видот е добро познат и лесен за идентификација. Сепак, покрај познатите наоѓалишта, постои голема веројатност видот да е присутен и на други места каде има соодветно живеалиште, така што е направена проценка на веројатен број наоѓалишта (Dahlberg and Mueller 2011). Веројатниот вкупен број на наоѓалишта се предвидува дека е за 3 до 5 пати поголем и изнесува приближно 55–90.