Образложение за процената
Sarcosphaera coronaria е редок вид, со доста фрагментирани и изолирани популации. Познат е од седум локалитета и тоа четири од околината на Скопје (Водно, Сарај и Матка), потоа од околината на село Старо Нагоричане (кумановско), како и од планините Шар Планина (Попова Шапка) и Јакупица (Бабина Рупа). Најголема закана е присуството на видот во туристички места, како што се Водно, Сарај и Матка во околината на Скопје, и скијачкиот центар „Попова Шапка“ на Шар Планина, каде видот е под силно антропогено влијание од посетителите. Бројот на регистрирани единки е мал и изнесува околу 50 примероци, но четинарските шуми се широко распространети во земјата поради што очекуваниот број би бил барем десетпати повеќе.
Во Европа, видот е на црвената листа од 14 земји и од Европскиот совет за зачувување на габите се смета за загрозен вид. Видот е во потесен избор да стане дел од Бернската конвенција од страна на Европскиот совет за зачувување на габите.