Закани
Дабот кај нас е најзастапена шума и покрива 29.3% од површината на земјата, но истата има најдеградирани состоини, посебно термофилните шуми (Kolevska et al. 2017). Видот Rubroboletus dupainii е најмногу загрозен од уништување на дабовите шуми поради шумска сеча. Екплоатирањето на шумите се одвива со векови, познато е дека 91% од вкупната површина под шуми во во државата е под режим на управување и најголем дел (93%) од неа се смета за продуктивни шуми. Во шумарската пракса се применува чиста сеча во дабовите шуми; како резултат на тоа, се создаваат голи површини и изданкови шуми додека старите шуми се намалуваат (Trajkov et al. 2016, Kolevska et al. 2017). На годишно ниво, околу 1% од шумите се сечат од страна на државното претпријатие за управување со шумите (Kolevska et al. 2017, State Statistics Office 2018), додека незаконската сеча има значителен удел со дополнителни 30% кон законската сеча на шума. Согласно Националниот план за борба против опустинување (2017) во периодот 2000–2012 год., имало пад на површината под шума за 35,000 ha (4%) врз основа на CORINE анализи за покровност на земјиштето. Поради тоа, квалитетот на соодветното живеалиште постојано се намалува, а тоа претставува главна закана за одржување стабилна популација на габата. Термофилните листопадни шуми (Анекс I HD G1.7) во Северна Македонија, според последната Стратегија за биодиверзитет (2018), се категоризирани во групата живеалишта со најголем интензитет на закана, поради голосек и пожари. Дополнително, огромен дел од новосоздадените голи површини во понискиот дабов појас се засадени со инвазивни видови, како што се Cupressus sempervirens, C. arizonica, Robinia pseudoacacia или Pinus nigra. Потребно е да се изврши и процена на влијанието на ваквите активности врз популацијата на видот. Постојат податоци и за намалување на виталноста на шумските состоини поради болести на Quercus spp. со различен степен на интензитет. Болестите во дабовите состоини се првенствено предизвикани од Euproctis chrysorrhoe L., Lymantria dispar L. и видови од фамилијата Tortricidae (DPRS 2019).
Освен експлоатација на шумите, живеалиштето е под притисок поради ископување минерални суровини како варовник, гипс и мермер. Во периодот 1999-2014 повеќе од 140 дозволи се издадени за експлоатација на овој тип суровини и бројот значително е зголемен во последните години (Spatial planning agency Annual Report 2015, 2017, 2018, 2019), што доведува до дополнително исчезнување на можните места за распространување на видот.
Уништувањето на живеалиштето предизвикано од чиста сеча, експлоатација на минерали и инфраструктурен развој се најголема закана. Исто така, шумските пожари се чести во термофилните дабови шуми.
Оттука, погодното живеалиште на Rubroboletus dupainii има многу мало распространување. Во последниве години, на единственото наоѓалиште се забележува интензивно користење на шумата: на одредени делови се отвораат голи површини поради чистата сеча на шума, а блиску до наоѓалиштето е изграден каменолом за варовник.