Живеалишта и екологија
Овој вид е термофилен и расте во топли и умерено влажни листопадни шуми од даб (Quercus pubescens, Q. cerris, Q. congesta и Q. virgiliana, ретко Q. ilex), питом костен (Castanea sativa), а на повисоките надморски височини е микоризен со бука (Fagus sylvatica). Во неколку наврати е евидентиран и во мешани листопадни и иглолисни шуми (Pinus nigra и Taxus baccata) (Tibpromma et al. 2017). Му одговараат кисели и силикатни почви, а плодни тела создава од крајот на пролетта до рана есен, најчесто во јуни и септември после дождови. Сушните периоди не се поволни за негов раст. Плодните тела се развиваат во групи.
Станува збор за многу редок вид кој во државата се среќава во дабова шума како и мешана шума од бука и обична ела на влажни места. Пронајден само на два локалитета, на планините Герман и Пелистер, на надморска височина од околу 1,300 m. Локалитетот на Пелистер е надвор од границите на националниот парк, притоа таа состоина e една од највисоките дабови шуми во државата. Врз основа на екологијата на видот и достапноста на соодветно живеалиште, направена е проценка на веројатен вкупен број наоѓалишта, и тоа на 20 наоѓалишта.