Живеалишта и екологија
Hygrocybe punicea се среќава на полуприродни пасишта со ниска вегетациска покровност и мов, на почва сиромашна со хранливи материи и на кисела почва. Најсоодветно живеалиште се умерено влажните ливади изложени на човековото влијание, како што е редовно напасување на добиток или рачно косење. Во целина, видовите од родот Hygrocybe се сметаат за сапробионти и дури неодамна е предложено дека се можеби микоризни или ендофити (Halbwachs et al. 2013, Halbwachs et al. 2018). Овој вид габа обично формира плодни тела од крајот на летото до есента, и расте во групи или поединечно.
Станува збор за многу редок вид, кој е забележан само на два локалитета во државата, на планините Бистра и Водно, на надморска височина од 600 до 1300 m. Во НП Маврово, локалитетот се наоѓа во зоната на одржливо искористување. Ако се земат предвид сознанијата за екологијата на видот и достапноста на соодветно живеалиште, веројатниот вкупен број наоѓалишта се претпоставува дека би бил десетпати поголем од сегашниот, што би значело околу 20.