Живеалишта и екологија
Во Северна Македонија, Leucopaxillus compactus се развива во стари листопадни шуми од Quercus pubescens, Q. frainetto и Carpinus orientalis, но може да се најде и во шуми со Q. ilex, Fagus sylvatica, Castanea sativa и во мешани шуми. Станува збор за териколен сапротроф што бара суви до умерено влажни варовнички почви. Видот создава плодни тела од крајот на летото до зима.
Станува збор за многу редок вид, евидентиран само на две наоѓалишта, и тоа на планините Јакупица и Галичица, на надморска височина од 600 m до 850 m. Во НП Галичица, локалитетот е во зоната на одржливо искористување. Видот има добро позната екологија, но не бил често регистриран во минатото, со оглед на тоа што го нема во популарните книги, може да бил незабележан од љубителите и собирачите на габи. Поради тоа, според сознанијата за видот и достапноста на соодветно живеалиште, направена е проценка на веројатен вкупен број наоѓалишта во земјава, и тоа на 20 наоѓалишта.