Живеалишта и екологија
Се јавува во крајречни грмушки и шумски заедници со Tamarix spp. каде се развива како слаб паразит на видови од родот Tamarix. Габата инфицира ослабени единки, и може да се најде на живи и на мртви стебла од Tamarix (Chinan et al. 2015), a предизвикува бело гниење на дрвесината (Bondartseva & Parmasto 1986).
Во Северна Македонија се среќава во топлите региони кои се под медитеранско влијание, во крајречни заедници со Tamarix spp. Евидентиран е на пет наоѓалишта, во јужните делови на државата каде се среќаваат најголемите популации на Tamarix parviflora – во околината на Демир Капија, Давидово, Грчиште и Ѓавато, како и во централните региони во државата – во околината на Црешка. Во отсуство на хабитат мапа, врз основа на литературни податоци за дистрибуцијата на видовите Tamarix spp. се очекува видот да биде евидентиран на поголем број наоѓалишта. Домаќинот се среќава во крајречните заедници на 10 поголеми реки во државата: Вардар, Бабуна, Брегалница, Пчиња, Црна Река, Бошава, Вошанска Река, Коњска, Црн Дрим и Радика (Micevski 1995). Inonotus tamaricis се очекува да се најде во потоплите области каде што се јавува домаќинот. Видот лесно се идентификува, но не бил многу баран во минатото, поради тоа вкупниот број на наоѓалишта се проценува дека е повисок за најмалку 5 до максимум 10 пати, што резултира со околу 50 наоѓалишта.