НАЦИОНАЛНА ЦРВЕНА ЛИСТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Ридска/шумска желка
Testudo hermanni
English
Hermann’s Tortoise
Albanian
Breshkë toke
Неоценет | Недоволно податоци |
Најмалку засегнат |
Близу засегнат |
РАНЛИВ | Загрозен | Критично загрозен |
Истребен во природата | Истребен |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
NE | DD | LC | NT | VU | EN | CR | EW | EX |
Таксономија
Научно име
Testudo hermanni
Опишан од
Gmelin, 1789
Синоним
Testudo hercegovinensis Werner, 1899; Testudo hermanni ssp. robertmertensi Wermuth, 1952
Податоци за процената
Критериуми и категории на Црвената листа на IUCN
VU – Ранлив, A3d
Датум на процена
Ноември 2019
Проценувач
Арсовски, Д.
Стеријовски, Б.
Прегледал
Ajtic, R.
Соработници
/
Составена од
Hofman, M.P.G.
Образложение за процената
Шумската желка е веројатно најдобро истражуван влекач во Република Северна Македонија. Со тоа, клучните демографски параметри што овозможуваат симулации за трендот на популациите се лесно достапни, а оттаму е возможна и процена на загрозеност заснована врз критериумите за намалување на големината на популацијата, покрај критериумот за географски опсег.
Познатите податоци за преживувањето и фекундитетот* на македонските популации (види дел „Живеалишта и екологија“) беа интегрирани во матрица/модел за дефинирање на популацијата (Caswell, 2001) со цел да се симулира врската помеѓу растот на популацијата (λ) и опстанокот на возрасните единки под закани, кои можат да отстранат значителен дел од популацијата, како на пример нелегално собирање (види дел „Закани“). Симулациите покажуваат дека популацијата е самодоволна, само кога 89% или повеќе од возрасните единки преживуваат годишно. Кога опстанокот на возрасни машки и женски единки паѓа под овој праг, популацијата почнува да опаѓа.
Релативно високи стапки на преживување се регистрирани во Северна Македонија (0,95-0,97) кај популациите кои живеат во заштитени подрачја. Како и да е, во споредба со останатите национални популации кои живеат под силни антропогени притисоци, овие проценки на стапки на преживување се најверојатно преценети. Смртноста на патиштата и особено нелегалното собирање веројатно имаат сериозно влијание врз опстанокот кај повеќето популации (видете во делот „Закани“). Во такви случаи, претпоставката за стапка за преживување кај возрасните единки од 88% би била разумна. Всушност, земајќи ги предвид природните извори на смртност, како што се предаторите и пожарите, просечната национална веројатност за преживување од 88% може дури и да изгледа умерена.
Со оглед на генерациското време од 25 години (види дел „Живеалишта и екологија“), намалувањето на популацијата беше пресметано на 75 години (3 генерации). Со претпоставка на стапка на преживување од 88%, пресметано е намалување за повеќе од 30% во рок од 75 години (30,3% по 64 години), што ги квалификува популациите на шумска желка за категоријата ранлив според критериумот A3d.
Популациите од западен и централен Балкан се под слични закани и веројатно се намалуваат (Ljubisavljević et al.2011; Nikolić et al. 2018); згора на тоа, шумската желка има ограничени можности и тенденција за дисперзија (Bertolero et al. 2011), што значително ги намалува шансите за ефект на спасување од соседни популации кој би можел да оправда пониска категорија, со регионалните корекции на оцените на IUCN.
Имајќи го предвид намалувањето на големината на популацијата на подвидот Testudo hermanni hermanni, не е тешко да се замисли дека популацијата на овој вид веројатно поминала низ слично сценарио – очигледно бројните постојни македонски популации на Testudo hermanni boettgeri се под притисок што ги поместил преку прагот на одржливост. Долговечноста на видот го отежнува сведочењето на ова без соодветни демографски процени и симулации. Долгопроучуваната македонска островска популација може многу добро да го докаже ова тврдење – оваа популација во моментот е меѓу најгустите популации на шумска желка во светот (58 возрасни единки/ha во Bonnet et al., 2016) и затоа навидум просперитетна, но нивната судбина е запечатена од слабата стапка на преживување на возрасните женки (Arsovski, 2018). Една неодамнешна публикација јасно ги потврдува овие наоди и на сличен начин препорачува зголемување на категоризацијата на IUCN на целиот подвид Testudo hermanni boettgeri во ранлив (Nikolić et al. 2018).
За да се избегне сценарио каде македонската популација страда од истата судбина како оние од Западна Европа (на пр., популацијата во Вар, Франција е класифицирана како загрозена [Bertolero et al. 2011]) навременото доделување на статус ранлив, може да покрене серија конзерваторски напори, на национално ниво, кои можат да ги подобрат тековните трендови преку стопирање на уништувачката трговија, наметнување построга контрола врз фармите, идентификување на повеќе приоритетни области за заштита, итн.
Процена на популацијата на шумска желка на островот Голем Град: CR A3b; B1ab (v) + B2ab (v):
A3b: Симулациите на популацијата имајќи ја предвид големината на возрасната популација (податоци од спроведен цензус – 89 женки и 993 мажјаци во Arsovski, 2018), специфичната стапка на преживување на младите единки (Arsovski, 2018), пресметаното преживување/смртност кај возрасните женки (0,86 наспроти 0,97 кај мажјаците во Arsovski, [2018]) и екстремно нерамномерниот однос на полови (Bonnet et al. 2016), проценуваат намалување на големината на популацијата за повеќе од 90% во следните 80 години (околу три генерации [75 години]), квалификувајќи ги шумските желки од Голем Град за категоријата критично загрозени.
B1ab (v)+B2ab(v): И АОО и ЕОО се 0,2 km2 (површината на островот, што е целосно населена со желки) и популацијата е целосно изолирана – тоа е островска популација на копнени желки без веројатност на реколонизација во случај на исчезнување. Дополнително, симулации укажуваат на намалување на бројот на зрели единки.
Оваа популација има огромно истражувачко значење, евидентно од обемот на истражувањата кои откриваат животни карактеристики и еколошки и еволутивни феномени претходно непознати за овој вид и од бројните објавени тези поврзани со овие истражувања. Згора на тоа, оваа популација дава јасна слика за тоа како една густа (Bonnet et al. 2016) и навидум просперитетна популација може да биде на пат кон исчезнување – веројатно и во многу пошироки рамки (Балкан) за овој вид, што е поттикнато од нелегална трговија, смртност на патиштата и деградација на живеалиштата. Имајќи го предвид сето ова, заедно со фактот дека оваа популација е целосно изолирана, веруваме дека таа заслужува своја посебна процена, а со тоа и активности за зачувување.