Живеалишта и екологија
Hericium erinaceus расте на листопадни дрвја, главно на Fagus sylvatica и Quercus spp., иако може да се најде и на Aesculus hippocastanus, Alnus glutinosa, A. incana, Carpinus betulus, Populus tremula, Tilia cordata, Betula, Fraxinus, Juglans, Malus, Ailanthus и Sorbus (Fraiture and Otto 2015). Габата е присутна во добро зачувани шуми со стари дрвја, со широк дијаметар, како некротрофен паразит бидејќи мицелиумот добива хранливи материи од мртвите клетки или оние во изумирање, и создава плодни тела преку повреди, пукнатини и засеци во периодот на есента. Видот може да продолжи да живее и да формира плодни тела повеќе години откако дрвото ќе изумре. Се смета за показател за стари шуми (Kałucka & Olariaga Ibarguren 2019).
Станува збор за редок вид во државата, регистриран на само 14 локалитети, и тоа на планински (Бистра, Јабланица, Јакупица, Караорман, Кожуф, Огражден, Пелистер, Скопска Црна Гора), ридски (Погана, Смрдеш) и рамничарски региони (Струмичко Поле). Видот е евидентиран во области со потопла клима, на надморска височина од 250 m до места со поладна клима на 1,350 m. Едно од наоѓалиштата е во НП Маврово, во зоната за одржливо искористување.
Иако во Северна Македонија овие типови шуми се доминантни, сепак бројот на потврдени наоѓалишта е мал зашто видот се развива исклучиво на стари дрвја или паднати стебла од бука или даб со широк дијаметар. Сепак, покрај познатите наоѓалишта, постои голема веројатност видот да е присутен и на други места каде има соодветно живеалиште, така што е направена проценка на веројатен број наоѓалишта (Dahlberg and Mueller 2011). Веројатниот вкупен број наоѓалишта се смета дека е за 3 до 5 пати поголем, и изнесува приближно 42–70.