Живеалишта и екологија
Suillus americanus е вид што се среќава во планинската и субалпската зона и создава ектомикоризна симбиоза со петоигличести борови. Во Европа се врзува за Pinus cembra и P. peuce; во Северна Америка, за P. monticola, P. flexilis и P. strobes; во Сибир со P. pumila и P.sibirica, а во Азија со P. wallichiana. Иако во најголем дел од литературата се наведува дека се врзува исклучиво за петоигличести борови, во Пакистан е опишана микориза со Abies pindrow, Salix alba и Populus sp. (Sarwar et al. 2011, Sarwar and Khalid 2014), а за Индија се спомнуваат Cedrus deodara и Picea smithiana (Verma and Reddy 2016). Расте поединечно до расфрлано или во групи на варовничка и на силикатна подлога, на кисели до неутрални и базични почви, со ниска до умерена концентрација на азот (Favre 1960, Fraiture and Otto 2015, Verma and Reddy 2016).
Во Северна Македонија, најчесто е присутен во шуми со Pinus peuce, на надморска височина помеѓу 1,400 и 1,800 m, од почетокот на летото до доцна есен (Karadelev and Rusevska 2008, Karadelev et al. 2018), на планините Пелистер и Кајмакчелан. Има само едно наоѓалиште во шумска состоина од насад со Pinus strobus на 900 m надморска височина на планината Китка. Други потенцијални наоѓалишта се шумите со молика на Шар Планина во околината на Лешница и Јелачки Црн Врв (UNEP 2020). Микоризниот партнер може да се сретне и на други локалитети, но со по неколку дрвја, мали шумски состоини кои се неодамна формирани (Mandzukovski et al. 2009). Имајќи ги предвид сознанијата за екологијата на видот и достапноста на погодно живеалиште во државата, веројатниот вкупен број на локалитети не се очекува да надмине 10.