Образложение за процената
Skeletocutis odora е многу редок вид, познат само од еден локалитет, во стара елова шума во близина на скијачкиот центар на планината Кожуф. Бројот на регистрирани единки е околу 10, иако вкупниот број на возрасни единки (вклучувајќи ги и неистражените локалитети со ела и смрча) не се очекува да надмине 100, поради што ова се третира како многу мала популација. Видот се среќава речиси исклучиво во стари четинарски шуми во кои доминира смрча. Старите шуми со ела и смрча се многу малку застапени во С. Македонија поради што не се очекува побројно присуство на видот. Површината на населеност (АОО) е 16 км2, а локалитетот е во непосредна близина на скијачкиот центар „Кожуф“ каде поради развој на туризмот е под силен антропоген притисок.
Skeletocutis odora е наведена во црвените листи на загрозени габи на неколку европски земји, а е предложена и за меѓународна заштита во рамките на Бернската конвенција.