Живеалишта и екологија
Hygrophorus marzuolus ги населува планинските шумски региони главно на Abies spp. Освен микоризната симбиоза со Abies borisi-regis и Pinus spp. регистрирана во Северна Македонија, често се среќава во симбиоза со Picea abies, а во јужниот опсег на распространетост се врзува и за Fagus sylvatica, Castanea sativa и Quercus spp. иако поретко (Horak 2005, Bresinsky 2008). Плодните тела се појавуваат во рана пролет (март-април), зависно од временските услови, кога снегот почнува да се топи. На видот му одговараат студени и влажни живеалишта и може да се најде на надморска височина до 2,000 m, на базична и неутрална до кисела почва (Fraiture & Otto 2015). Плодните тела растат во шумската простирка, обично во групи, но и поединечно.
Во Северна Македонија, мартовката е забележана на планините Пелистер и Шар Планина. Во НП Пелистер, дел од наоѓалиштата се во зоната на строга заштита, а дел во зоната на одржливо искористување. Иако е вид што се јаде, не е многу баран во минатото и не е лесно забележителен, треба да се бара во шумската простирка, поради тоа е направена проценка на веројатен број на наоѓалишта (Dahlberg and Mueller 2011). Врз основа на распространетоста на примарниот микоризен партнер, претпоставени наоѓалишта се добро сочуваните состоини од A. borisii-regis и мешаните шуми од ела и смрча на планините Караорман, Бистра, Кораб, Шар Планина, Јакупица, Кајмакчелан и Кожуф (Micevski 1985, UNEP 2020, Simovski 2014, personal data).