Живеалишта и екологија
Tricholoma acerbum е вид што е микоризен со Quercus spp., Castanea, Tilia и Corylus, а веројатно и со Fagus. Видот е регистриран на само 13 наоѓалишта на планините Бистра, Добра Вода, Галичица, Китка, Пелистер, Скопска Црна Гора и Водно, во широколисни шуми. Се среќава во добро зачувани дабови шуми (Quercus frainetto, Q. cerris, Q. trojana), како и во костенови и габерови шуми (Castanea sativa и Carpinus spp.), на надморска височина помеѓу 600 и 1100 m. Три од познатите локации се во НП Галичица и една во НП Пелистер, сите наоѓалишта се во зоната на одржливо искористување. Видот е лесен за идентификација, но не е често евидентиран во минатото, дополнително, се среќава во живеалиште кое е широко распространето во државата, поради тоа е направена проценка на веројатен број на наоѓалишта (Dahlberg and Mueller 2011). Вкупниот број на наоѓалишта, се претпоставува дека е за 10 пати поголем од бројот на утврдените наоѓалишта, со што вкупниот број на локалитети изнесува 130. Расте во периодот од лето до есен.