Живеалишта и екологија
Rubroboletus satanas е распространет во термофилни широколисни шуми и создава ектомикориза најчесто со Quercus spp., но и со Fagus sylvatica, вообичаено на почва од варовник. Погодна животната средина за развој на видот е стара, сончева, полуотворена шума. Видот формира плодни тела на крајот од летото и наесен.
Видот е забележан на 42 наоѓалишта во земјава, широко распространет во 21 биогеографски регион (Melovski et al. 2013), на надморска височина од 300 до 1,400 m. Седум од локалитетите се наоѓаат во национални паркови: Пелистер – еден локалитет, Маврово – два, Галичица – четири, сите во зоната за одржливо искористување.
Видот е добро познат меѓу собирачите на печурки, лесно забележлив на терен, поради што е и често регистриран. Сепак, расте во широколисни шуми, даб и бука, кои што се доминантен тип шуми во земјава, поради што е направена проценка на веројатен број на наоѓалишта (Dahlberg and Mueller 2011). Веројатниот вкупен број локалитети би бил 2 до 3 пати поголем, што би резултирало со приближно 84–126 локалитета.