Живеалишта и екологија
Gyrodon lividus се среќава на многу влажни места, покрај брегови од реки, во мочуришта, крајречни и галериски шуми, во еколошки услови богати со азот, на варовничка или, понекогаш, кисела почва. Микоризен вид што се врзува исклучиво со евла. Формира плодни тела поединечно или во групи, кои што понекогаш се споени во основата, и се појавува од лето до есен.
Евловото вргањче е многу редок вид во државата, кој е најден само на осум локалитети, во биогеографските региони Таорска Клисура и Бадар, Кичевска Котлина, Дебарца (Белчишко Блато, најголемата субпопулација), Жеглигово, Струмичко Поле, Козјак-мариовски, Осоговски Планини и Шар Планина, на надморска височина од 220 до 1,450 m (Melovski et al. 2013). Видот се јаде, лесно е забележлив на терен, и е најмногу баран во добро познатите заедници со евла во државата. Сепак, видот може да се развива и во помали состоини од евла, покрај планински потоци. Поради тоа, направена е проценка на веројатен вкупен број наоѓалишта (Dahlberg and Mueller 2011) и се очекува да има најмногу 40.