Живеалишта и екологија
Hymenochaete cruenta главно расте во планински мешани шуми од бука, смрча и ела, на места со голема влажност, а ретко се среќава во низините. Првичен домаќин на видот е Abies alba, но може да се најде и на Picea abies, Abies sibirica и Abies borisii-regis (Parmasto 2001).
Ја населува кората од суви или мртви гранки во круната на стари дрвја, на височина од 15-30 m и кратко продолжува да живее на паднатите гранки. Домаќинот на видот најдобро се развива на длабоки кисели почви со големи резерви на вода. Овој лигниколен вид може да се сретне преку цела година, но спорите се создаваат за време на периоди со големо количество врнежи и висока влажност на воздухот (Fraiture and Otto 2015, Kujawska et al. 2016).
Во Република Северна Македонија Hymenochaete cruenta е најден на Abies borisii-regis, во мала состоина во мешана буково-елова шума, на надморска височина помеѓу 1600 – 1800 m на планината Галичица во зона на строга заштита (Karadelev & Rusevska 2004/2005, Karadelev et al. 2018). Од првите податоци кои датираат од 1988 година од тој локалитет, видот е евидентиран повторно на истата локација повеќепати. Видот лесно се идентификува, но не бил многу баран во минатото, поради тоа е направена проценка на вкупен број на наоѓалишта во државата (Dahlberg and Mueller 2011). Врз основа на распространетоста на домаќинот, предвидени се наоѓалишта во добро зачуваните состоини на A. borisii-regis на повисоките места на Шар Планина, Кораб, Бистра, Јакупица (Даутица) и Пелистер (Micevski 1985, Simovski 2014, UNEP 2020, personal data). Веројатниот вкупен број на наоѓалишта во земјата не се очекува да биде над 10. Претпоставените локалитети во НП Маврово се распоредени низ трите зони на паркот, додека во НП Пелистер во зоната на строга заштита.