Живеалишта и екологија
Langermannia gigantea е сапроб, познат од повеќе типови живеалишта во земјава, на пасишта и ливади, на отворено на раб од шума, како и на напуштени обработливи површини или пасишта. Темелните студии за екологијата на видот укажуваат дека видот не бара посебна температура, и не се смета за термофилен вид, а успева при различни вредности на pH на почвата. Сепак, видот се развива само во почви богати со хранливи состојки и со умерена влажност, а вегетативниот мицелиум се смета дека има повеќегодишен карактер (Gryndler et al. 2008, Sterry 2011). Видот обично се појавува од пролетта до есента, во форма на самовилски кругови.
Џиновската пука се среќава на 60 наоѓалишта во државата, широко распространета во 34 биогеографски региони (Melovski et al. 2013), на надморска височина помеѓу 350 и 2,000 m. Шест од познатите локалитети се наоѓаат во во националните паркови, и тоа: Галичица – едно наоѓалиште во зоната на активно управување, и Маврово – четири наоѓалишта во зоната за одржливо искористување, а едно во зоната за активно управување. Видот е доста баран, се јаде и лесно се забележува, така што е често евидентиран. Сепак, распространет е во повеќе живеалишта кои се прилично чести во земјата, така што е направена проценка за веројатен број наоѓалишта (Dahlberg and Mueller 2011). Вкупниот број на локалитети се проценува дека е за 2 до 3 пати поголем од познатиот број, односно се очекува да има најмногу 180 наоѓалишта.