Живеалишта и екологија
Rubroboletus rhodoxanthus расте во широколисни шуми и создава ектомикориза најчесто со Fagus sylvatica, но и со Quercus, вообичаено на песоклива варовничка подлога. Погодна животна средина за видот е стара, сончева, полуотворена шума, а ретко се среќава во изданкови шуми. Видот формира плодни тела од средината на летото до средината на есента.
Видот е познат од 31 наоѓалиште во државата, широко распространет во 17 биогеографски региони (Melovski et al. 2013), на надморска височина помеѓу 600–1,400 m. Три од познатите наоѓалишта се лоцирани во НП Маврово, во зоната за одржливо искористување. Иако видот е лесно забележлив на терен, не е толку добро познат меѓу љубителите и собирачите на печурки како Butiriboletus regius кој се јаде, и отровниот вид R. satanas, поради што не е толку често евидентиран. Дополнително, R. rhodoxanthus е распространет во широколисни шуми, бука и даб, кои се доминантен тип шуми во земјата. Затоа е направена проценка на веројатен вкупен број наоѓалишта (Dahlberg and Mueller 2011), при што се очекува бројот да е за 3 до 5 пати поголем, односно дека има измеѓу 93–155 локалитета.