Закани
Sarcodon leucopus има мала популација и неговата распространетост е ограничена на многу мала област. Според податоците од Државниот завод за статистика (2018), во југозападниот и полошкиот регион каде видот е најден, регистрирано е континуирано намалување на површините под бел бор во перидот од 2010 до 2018 год. Податоци за квалитетот на состоините не се достапни (Државен завод за статистика 2018). Според Houston Durrant et al. (2016), се очекува намалување на шумите од бел бор во јужните делови на Европа со оглед на климатското затоплување. Одржувањето здрави шумски состоини од Pinus sylvestris е од суштинско значење. Постојат сознанија и за болести на овој ектомикоризен партнер. Едни од најсериозните закани се поткорниците, имено, Ips sexdentatus Börner, Ips acuminatus Gyllenhal, Blastophagus minor Hartig, Blastophagus piniperda Linnaeus, и Ips mansfeldii Wach., кои што се докажани штетници што предизвикуваат исушување на дрвото (DPRS 2019). Познати се и случаи на патогени габи што предизвикуваат промена на бојата на игличките, кои на крајот овенуваат и паѓаат на земја (Lophodermium seditiosum Minter, Staley & Millar и Lophodermium pinastri (Scrad. ex Hook.) Chév), или предизвикуваат исушување на боровите гранки (Cenangium ferruginosum Fr.) (DPRS 2019). Видот е загрозен и од пожари затоа што пожарите се вообичаени во овој тип живеалиште. Закана е и загадувањето на воздухот поради тоa што габата има високата осетливост на наталожен азот (Arnolds 1989, Arnolds 2003). Уништувањето или фрагментираноста на живеалиштата како последица од шумската сеча и инфраструктурниот развој се најголема закана.